„Отворен ден“ во Винчини Развоен Центар со средното училиште “Ванчо Прке” и основното училиште “Славчо Стојменски” од Виница

Во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ компанијата Макпрогрес заедно со гимназијата Ванчо Прке од Виница одржаа Отворен ден на кој учениците од завршните одделенија од основното училиште Славчо Стојменски од Виница имаа можност да се запознаат со образовните профили коишто ги нуди средното општинско училиште во новата учебна година, а истите се барани на пазарот на трудот.

Всушност на  16.02.2022 во просториите на новиот иновативен развоен центар во рамките на Фондација Прогресив Академија се одржа Отворен ден за промоција на компанијата Макпрогрес за хемиско-технолошката струка и дуалното образование. На настанот се разговараше за поволностите и придобивките кои ќе ги имаат учениците кои што ќе се одлучат да се запишат на прехранбената струка. За учениците од оваа струка компанијата Макпрогрес широко ќе ги отвори своите врати  и ќе ги запознае со основните процеси на кондиторското производство преку практични примери од реално опкружување, ќе им овозможи на учениците сами да развиваат нови производи во пилот постројката која ќе биде дел од фондацијата Прогресив Академија, како и можности за вработување по завршување на учењето.

На настанот свое обраќање имаа Орце Павлов, професор по македонски јазик и литература од СОУ „Ванчо Прке“-Виница, Глигор Цветанов, генерален директор на Макпрогрес, Александра Кирилова, директор на фондација Прогресив Академија, Марија Михаилова, менаџер за контрола на квалитет, Трајче Димитровски, специјалист за сензорика и координатор за дуално образование, Александра Трајкова, технолог во сектор за истражување и развој и Александра Ефтимов, менаџер на сектор за истражување и развој.

Отворениот ден е можност идните ученици да остварат непосредна комуникација со наставниот кадар и директно да се запознаат со различните активности, проектите и условите за учење во училиштето и практичната работа во компанијата. Воедно, на учениците им беше претставен и проектот “Учи паметно, работи стручно” како и можните придобивки кои ги нуди дуалното образование во соработка со бизнис компаниите од реалниот сектор во регионот.