Врз основа на член 31 став 1 и 2 и член 32 став 1 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ“ бр.52/2010, 135/2011 и 55/2016) и Одлуката на собир на содружници архивски бр.02-768/2 од 14.05.2021 година на основачот Друштво за трговија и производство МАКПРОГРЕС ДОО Виница застапувано од Управителот Глигор Цветанов на ден 14.05.2021 година го донесе следниот

С Т А Т У Т

на Фондација ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА Виница​

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се утврдуваат:

  • Името и седиштето на Фондацијата;
  • Целите на Фондацијата;
  • Дејноста со која се остваруваат целите на Фондацијата;
  • Името и адресата на основачот;
  • Внатрешната организиација, видот и составот на органите, надлежностите, начинот на избор и разрешување на членовите на органите, траење на мандатот на членовите на органите и начинот на одлучување;
  • Законското застапување;
  • Начинот на стекнување и располагање со средствата;
  • Можните корисници на средствата;
  • Начин на донесување на деловни, финансиски и други извештаи;
  • Начинот на остварување на јавноста и транспарентност во работата;
  • Органите и начинот на вршење на контрола над работата на Фондацијата;
  • Начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот;
  • Начинот на одлучување на статусни измени и престанок на Фондацијата;
  • Постапување со средствата на Фондацијата во случај на престанок на Фондацијата;
  • Начин на донесување на планови и програми и
  • Други прашања утврдени со закон.

Член 2

Фондацијата е невладинa, непартиска и непрофитна организација од добротворен, хуманитарен и едукативен карактер и дејност. Примарна цел на Фондацијата е воспоставување и унапредување на едукативни програми и спроведување на истражувачко развојни активности.
Фондацијата се основа заради остварување и заштита на образовни, општествени, научни и хуманирани права и интереси во согласност со Уставот и законите.
Дејноста на Фондацијата е: 85.59 – Друго образование, неспоменато на друго место.

Член 3

Името (називот) на Фондацијата е:
Фондација ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА Виница.
Скратениот назив на Фондацијата е: ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА Виница.
Името на англиски јазик е: Foundation PROGRESSIVE ACADEMY Vinica.
Скратениот назив на англиски јазик е: PROGRESSIVE ACADEMY Vinica.

Фондацијата има свој официјален знак на Македонски јазик и тоа;

И на Англиски јазик и тоа;

Член 4

Фондацијата одговара за своите обврски со целиот свој имот и средства.

Член 5

Седиштето на Фондацијата е во Виница на ул. „Војдан Чернодрински бр.8. Фондацијата се организира и делува во Република Северна Македонија во насока на исполнување на целите на Фондацијата.

Член 6

Фондација има свој печат и штембил. Печатот на Фондацијата е во тркалезна форма и го содржи името на Фондацијата ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА Виница и официјалниот знак. Штембилот на Фондацијата е во правоаголен облик со испишан текст „Фондација ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА Виница“ бр година . Печатот и штембилот на Фондацијата се чуваат и се обезбедуваат од неовластена употреба или злоупотреба.

Член 7

Фондацијата, своите права и обврски ги остварува во согласност со Уставот, законот и овој Статут. Фондацијата има својство на право лице со права, надлежности и одговорности утврдени со Уставот, законот и овој Статут. Статутот е највисок општ акт на фондацијата. Другите акти на фондацијата ќе бидат во согласност со Статутот. Под други општи акти на Фондацијата вклучуваат и правила и одлуки донесени согласно законите.

2. ОСНОВАЧ

Член 8

Основач на Фондацијата е: Друштво за трговија и производство МАКПРОГРЕС ДОО Виница од Виница со седиште на ул. „Војдан Чернодрински“ бр.8 со ЕДБ 4005002104926 и ЕМБС 5602092.
Основачот, Друштво за трговија и производство МАКПРОГРЕС ДОО Виница, на денот на основањето на Фондацијата вложи паричен основачки влог во висина од 10.100,00 Евра, во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на поднесувањето на Актот за основање за упис во Централниот регистар на РСМ.
Вкупната имотна маса на паричниот основачки влог на денот на основањето на Фондацијата изнесува 10.100,00 Евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на Актот за основање за упис во Централниот регистар на РМ.
Основачот го предава објектот на користење на Фондацијата на ул. „Војдан Чернодрински“ бр.8, за обавување на дејноста на Фондацијата и во првата година ги покрива сите режиски трошоци како и одржувањето и обезбедувањето на самиот објект.

Член 9

Основачот ги има следните надлежности:

  • Донесува одлуки за измена и дополнување на статутот;
  • Донесува одлука за именување и разрешување на членови на одборот;
  •  Назначува и разрешува Директор на Фондацијата;
  • Ја усвојува програмата за работа на Фондацијата предложена од Одборот;
  • Усвојува финансиски план и извештај на фондацијата;
  • Одлучува за престанок на работа на фондацијата;
  • Донесува одлука за избор и разрешување на извршни, надзорни и комисии на Фондацијата доколку ги има;
  • Одлучува за основање и укинување ограноци;
  • Го следи реализирањето на основната програма на Фондацијата;
  • Ја пропишува работата и одлучува за составот на делегации и други поединечни или колективни преставници на Фондацијата;
  • Одлучува за менување и дополнување на програмата на Фондацијата;
  • Одлучува за зачленување на сојузи и меѓународни организации;
  • Одлучува за доделување на одредени награди и признанија;
  • Одлучува за промена на целите и дејноста според предлозите на одборот;
  • Одлучува за вработување на лица во Фондацијата или одредени Хонорарни соработници;
  • Одлучува за други прашања кои не се во надележност на другите тела на Фондацијата

3. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ФОНДАЦИЈАТА

Член 10

Целта за основање на фондацијата е воспоставување на едукативна програма и истражувачко-развојни активности со цел овозможување зголемен развој на целиот регион преку следните активности: обука на вработените во МАКПРОГРЕС ДОО Виница, можности за едукација на бизнис професионалците од целиот регион, поддршка за старт-ап фирми, стипендирање на талентирани студенти со цел нивно насочување во кариерата, соработка со регионални и интернационални едукативни институции, вклучување во програми за едукација на Европско ниво, соработка со билатерални или меѓународни донатори со цел имплементација на развојни и едукативни програми.

Член 11

Основни цели и задачи на Фондацијата се:

  • Воспоставување на „Институт за Развој“ во кој ќе се унапредуваат истражувачко-развојни активности и капацитети;
  • Унапредување на процесот за регрутирање, селекција и надградба на кадри во рамките на МАКПРОГРЕС ДОО Виница, со цел селекција и унапредување на таленти (талент менаџмент);
  • Подготовка и одржување на едукативни програми за технички струки под името „Винчини Академија“
  • Подготовка и одржување на едукативна програма за менаџери, наменета за сите заинтересирани компании или бизнис професионалци кои се заинтересирани за унапредување на менаџерски вештини;
  • Соработка со релеватни компании и експерти со цел креирање на “бизнис акцелераторска програма“ наменета за поддршка на старт-ап фирми или мали и средни компании од регионот;
  • Поддршка на локалните мали и средни компании и производители преку организирање на инфо-сесии, денови за соработка, едукативни програми и итн;
  • Поддршка на средношколците преку организирање студиски посети на Фондацијата и инситутутот за развој, можности за практична работа и итн;
  • Воспоставување соработка со други едукативни институции (домашни или странски) со цел заедничка имплементација на програми наменети за образование на млади, на менаџери, технички струки или истражувачко-развојни активности;
  • Соработка со комори и здруженија со цел промоција на значењето од континуирана едукација и унапредување на вештините во склоп на работниот процес;
  • Изработка на проектни апликации за фондови и грантови поддржани од билатерални или меѓународни донатори со цел имплементација на развојни и едукативни програми;
  • Учество и имплементација на едукативни програми поддржани од Европската Унија, самостојно или во конзорциум од релеватни партнери.
  • Вклучување во системот на дуалното образование.

За остварување на наведените цели, фондацијата остварува соработка со различни образовни, научни и истражувачки установи, државни органи и јавни служби, средства за масовно информирање и други невладини организации во Република Северна Македонија.

4. МАТЕРИЈАЛНО-ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ

Член 12

Финансиското и материјалното работење на фондацијата се води врз основа на финансиски план и пресметка на приходи и расходи.
Фондацијата средствата за финансирање ги стекнува од основачкиот влог, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, едукативни услуги кои ќе ги дава на трети лица, буџет на Република Северна Македонија и локалните самоуправи, давање на услуги на други здруженија, организации и институции, провизии од органи, здруженија, организации и институции, фондови и грантови подржани од билатерални и меѓународни донатори, грантови од страна на Европската унија, и други приходи во согласност со закон и овој Статут.
Средствата на Фондацијата стекнати во согласност со став 1 од овој член, се сопственост на Фондацијата.
Фондацијата ќе ги употребува финансиските средства за остварување на своите цели определени со овој Статут и Програмата, плата и надоместоци од плата на вработените како и за прифатливи и оправдани трошоци настанати во врска со целите на фондацијата.

Член 13

Донаторите што вложуваат средства или имотни права по основањето на Фондацијата немаат статус на основачи.

Член 14

Фондацијата врши дејности со кои може да стекнува добивка, а која добивка се употребува исклучиво, само согласно целите утврдени со овој статут. За законското користење на средствата на фондацијата е одговорен основачот и директорот на Фондацијата, како и за давање наредби, или лице овластено со посебна одлука од основачот на фондацијата.

Член 15

Наредбодавател за извршување на финансиско-материјалниот план е основачот на фондацијата, а тоа може да биде и друго лице, овластено од основачот на фондацијата.

5. ОРГАНИ НА ФОНДАЦИЈАТА

Член 16

Фондацијата има два органи: Одбор и Директор.

Член 17

Основачот на Фондацијата, со Одлука ги именуваат членовите на Одборот. Одборот на Фондацијата е составен од 5 (пет) члена. Бројот на членовите на Одборот може да се намали и зголеми со одлука на Основачот.Членовите на одборот ги именува Основачот. Одборот одржува седница најмалку еднаш годишно.Членовите на Одборот се именуваат со мандат од 2 (две) години, со право на повторен избор .
Основачот го избира претседателот од редот на членовите на одборот, кој што ги свикува и раководи со седниците на Одборот, а на барање на 2/3 од членовите на Одборот или на барање на основачот на Фондацијата должен е во рок од 15 дена да свика вонредна седница.

Член 18

Членот на Одборот ќе се изземе од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар, роднина од прв и втор степен и за прашања што се однесуваат на некое правно лице врз кое има контрола или економски интерес. Член којшто сака да истапи од Одборот, тоа треба да го стори во писмена форма. Во случај на испразнето место во Одборот, лицето коешто ќе го пополни тоа место ќе го врши својот мандат до истекот на мандатот на претходниот член.

Член 19

Одборот може да отповика свој член во следните случаи:

  • по негово барање;
  • доколку биде осуден на казна затвор подолга од 6 месеци;
  • доколку стане член на Одбор на иста или слична Фондација;
  • Исто така, и Основачот има право да отповика член којшто го именувал, без одобрение од Одборот.

Член 20

Одборот работи на седници и е надлежен за:

  • Изработува стратегија за прибирање на фондови;
  • Ги застапува и презентира интересите на Фондацијата;
  • Остварува контакти со трети лица и со јавноста за да ги промовира целите,ставовите и активностите на Фондацијата;
  • Доставува предлози до основачот во врска со реорганизација или престанување на активностите на Фондацијата, согласно закон;
  • Дава предлози до основачите во врска со измена и дополнување на овој статут;
  • Дава предлози за условите и распределбата на средствата на корисниците односно за постапката и начинот на користење на средствата на Фондацијата;
  • Дава предлози за донесување на соодветни акти и склучување договори;
  • Усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај;
  • Усвојува годишна сметка;
  • Дава предлози и насоки за работењето на Фондацијата и учествува во проектите кои ги спроведува самата Фондација;
  • Донесува и други одлуки во врска со активностите на фондацијата, освен одлуките кои се во исклучива надлежност на основачот.

Член 21

Членовите на Одборот работат заеднички кон остварување на целите и задачите на Фондацијата утврдени со овој Статут и во оваа смисла се одговорни пред основачот.
Членовите на Одборот се одговорни за штета предизвикана во својата работа или поради нејзино запоставување.
Основачот, доколку констатира дека се исполнети условите за одговорност предизвикана од став 1 и 2 на овој член, има право да го разреши членот на Одборот или целиот Одбор.

Член 22

Работата на членовите на Одборот е доброволна и за тоа не примаат никаков паричен надоместок, а можат да примаат надоместок за патни и дневни трошоци поврзани со активностите на Фондацијата.

Член 23

Фондацијата избира директор. Директорот го избира основачот. Директорот се избира на неопределено време. Директорот се избира, отповикува и заменува врз основа на Одлука од основачот. Одлуката за избор на Директорот на Фондацијата влегува во сила со денот на уписот во Централниот регистар. Директорот ја претставува и ја застапува Фондацијата во односите со трети лица, потпишувајќи се под називот на Фондацијата и дејствува во сите околности во името на Фондацијата. Директорот прима плата и надоместоци за плата согласно Законот на работни односи и е вработен во Фондацијата со полно работно време од 40 часа неделно и ги ужива сите права согласно Законот за работни односи. Висината на платата на Директорот се определува согласно Договорот за вработување.

Член 24

Директорот е надлежен за:

  • Претставување и застапување на Фондацијата и водење на нејзините работи;
  • Спроведување на статутарните и програмските задачи на Фондацијата;
  • Реализација на годишната Програма за работа;
  • Донесување одлуки за формирање на постојани и повремени работни тела и насочување на нивната работа;
  • Организирање разни акции и манифестации поврзани со целите и задачите на Фондацијата;
  • Донесување одлука за награди, пофалници и признанија во координација со основачот;
  • Грижа за стратешкото планирање и изготвување перспективни, годишни и периодични програми и планови за работа и финансиски планови;
  • Одговорен е за извршување на Програмата и Планот за работа и на Финансискиот план и поднесување периодични и годишни извештаи за работата до Одборот.

Член 25

Членовите на Одборот и Директорот одговараат солидарно за штетата на Фондацијата предизвикана од нивната работа, ако таа е предизвикана од крајно невнимание или со намера, освен во случаите кога во одлучувањето го издвоиле своето мислење на записник или ако не учествувале во одлучувањето.

6. ЈАВНОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО И ИНФОРМИРАЊЕТО

Член 26

Работата на Фондацијата е јавна. Јавноста на работењето се обезбедува со подготвување редовни извештаи за нејзиното работење, со овозможување увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување на извештај за работата на ограните и телата на Фондацијата, за начинот на користење на средствата на Фондацијата, за материјално-финансиско работење и друго (годишни или периодични финансиски извештаи). За информирање на потенцијалните корисници на средствата на Фондацијата и пошироката јавност, се користат електронските и печатени медиуми.

7. ОДЛУЧУВАЊЕ

Член 27

Секој договор или деловна активност чијашто вредност е над 20% од вредноста на капиталот на Фондацијата врз основа на последниот годишен финансиски извештај, се одобрува од Основачот на Фондацијата. За секој договор или деловна активност чијашто вредност е до 20% од вредноста на капиталот на Фондацијата врз основа на последниот годишен финансиски извештај одлучува директорот на Фондацијата. Одборот дава насоки и издвоени мислења за деловните активности на Фондацијата.

8. СТАТУСНИ ПРОМЕНИ И ПРЕСТАНОК НА ФОНДАЦИЈАТА

Член 28

За статусни промени се сметаат присоединување и спојување на Фондацијата кон други фондации и поделба на Фондацијата. За статусните промени одлучува основачот.

Член 29

Фондацијата престанува:

  • Со одлука на основачот;
  • Ако се утврди дека престанала да функционира;
  • Ако средствата не се доволни за остварување на нејзините цели и задачи определени со Актот за основање и овој Статут;
  • Ако го изгуби својот имот;
  • Ако целта за која е формирана е исполнета или не може да се исполни;
  • Ако работи спротивно на одредбите од Законот за здруженија и фондации и
  • Ако работењето на Фондацијата не е во согласност со овој Статут.

Овластените застапници на Фондацијата во случај на настапување на некоја од наведените околности, должни се во рок од 15 дена по нејзиното настапување да го известат надлежниот регистар.

Член 30

По престанокот на работата на Фондацијата, депонираните средства и целокупниот имот што остануваат по намирување на побарувањата и обврските се распределува на сметка на основачот.

9. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 31

Право на толкување на одредбите на овој Статут има основачот на Фондацијата.

Член 32

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат во иста постапка како за неговото донесување.

Член 33

Овој Статут стапува во сила и ќе се применува со денот на неговото донесување .