Доделување на грантови од Регионалниот фонд за предизвици (РФП)

На 31 јануари 2022 година во Скопје се оддржа церемонијата за доделување на грантови од Регионалниот фонд за предизвици (РФП) кој претставува иницијатива преземена од страна на Германската развојна банка (KfW), а финансирана од германското Федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главниот партнер во спроведувањето е Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6).

Во првиот круг на повикот аплицирале повеќе од 200 конзорциуми на институти за стручно образование и обука и претпријатија од шесте земји на Западен Балкан.  

На наше големо задоволство, конзорциумот предводен од средното општинско училиште Ванчо Прке од Виница и компаниите Макпрогрес Доо ВиницаАгро Бар и МАК НОВА е добитник на грант во висина од скоро 600.000 Евра од Регионалниот фонд  за предизвици. Консултантската компанија PrimePoint Partners беше вклучена во целиот процес на креирање на концептот, координација на конзорзиумот и развој на апликацијата. 

Одлуката на Комисијата за селекција резултираше со избор на осум македонски проекти, одвојувајќи приближно 3,4 милиони евра за инвестиции во опрема и инфраструктура за институтите за стручно образование и обука коишто спроведуваат кооперативна обука. Нашиот конзорциум со помош на овој грант ќе креира нови можности за стручно-техничко образование во следниве струки: прехранбен техничар, текстилен техничар и механички техничар. Во рамки на наставната програма ќе биде зголемена практичната работа во компаните, ќе бидат користени дигитални алатки и напредни технологии, ќе бидат унапредени наставните програми и ќе се зголеми трансферот на знаење преку менторите кои се назначени од самите компании. 

“Преку оваа соработка, училиштето ќе привлече поголем број на ученици да се запишат во овие специјализирани паралелки, а со тоа ќе одговориме на барањата на компаниите за стручни кадри во едни од најзастапените и најбрзорастечките индустрии во регионот на Источна Македонија, прехранбената, текстилната и метало-преработувачка индустрија.“ – изјави директорката на PrimePoint Partners, Билјана Марковиќ Стаменова. 

На настанот свое обраќање имаа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Ото Граф, вршител на должност, Амбасада на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Јетон Шаќири, министер за образование и наука во Северна Македонија, Балша Ќулафиќ, проектен координатор на Регионалниот фонд за предизвици, Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан и координатор за соработка со меѓународни коморски здруженија при Стопанската комора на Црна Гора, Рене Ешеман, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово, и Фридер Верман, раководител на тимот, Регионален фонд за предизвици.