Макпрогрес Доо Виница и СОУ “Љупчо Сантов“ од Кочани потпишаа меморандум и договор за соработка кој ќе има за цел воспоставување на соработка на полето на образованието и науката помеѓу страните потписнички. Всушност оваа соработка претставува регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу СОУ “Љупчо Сантов“ и компанијата “Макпрогрес“, а кои произлегуваат од изведувањето на планот и програмата по наставниот предмет „Учење преку работа кај работодавач“(УПР), како и од планот и програмата по наставниот план и програмата за реализирање на годишна Феријална практика (ФП).
Во согласност со потребите на наставно-научниот процес, УПР и ФП се организира со цел да им се обезбеди на учениците стекнување на стручни и трансферзални знаења, вештини и компетенции за вршење работа и работни задачи во рамките на еден работен процес кај работодавачот, така што ќе се зголеми нивната конкурентност при вработување во реалниот сектор.
Реализирањето на УПР и ФП се состои од учење преку работа кај работодавачот. УПР и ФП се вршат согласно Упатството за учење преку работа кај работодавач и упатство за реализирање на феријална практика (општи насоки за планирање, организирање, реализација, следење и евидентирање на УПР и ФП), како и планот и програмата предложени и утврдени од Центарот за стручно образование.